Витни Хјустон ѝ остави сè на Боби Кристина
09МАР 201203:54
Ќерката на Витни Хјустон Боби Кристина ќе го наследи целото богатство на мајка си, кое наводно вреди 20 милиони фунти.
Хјустон, која беше најдена мртва во нејзината хотелска соба пред доделувањето на наградите греми минатиот месец, во 1993 напишала документ од 19 страници, кој го дополнила во април 2000.
Тестаментот на Витни бил отворен вчера во Атланта, САД, каде што бил и напишан, и во него пишува дека Боби Кристина ќе го добие сето богатство на својата мртва мајка. Во тестаментот не се споменуваат конкретни предмети, туку се вели дека поп-дивата сè им остава на своите живи деца (тестаментот бил напишан на 3 февруари 1993, еден месец пред Хјустон да ја роди Боби). Боби Кристина беше нејзино единствено дете.
Документот ги содржи автомобилите, накитот, облеката, парите и мебелот на Витни, но тинејџерката нема да може да ги добие сè до својот 21. роденден.
Боби ќе добие уште повеќе пари кога ќе наполни 25, а останатиот дел од парите ќе ги добие кога ќе наполни 30 години.
Мајката на Витни, Сиси Хјустон, е назначена за извршител на тестаментот, а снаата и братот на Витни се доверители, кои во меѓувреме ќе можат да ѝ даваат на Боби Кристина дел од парите за разни намени, како на пример за школување, за да си купи дом или да почне бизнис.
И покрај фактот дека Хјустон сè уште била мажена за Боби Браун во времето кога бил пишуван тестаментот, тој нема да добие ништо, освен ако Боби Кристина и Сиси умрат пред него. Ако се случи тоа, Браун ќе мора да го дели богатството на Витни заедно со нејзиниот брат Гери Хјустон и уште неколку члена на семејството.
Инаку, Опра Винфри пушти клип од своето претстојно интервју со Боби Кристина, Гери Хјустон и снаата Патриша, во кое Винфри ја теши Боби и го прашува братот на Витни какви се неговите чувства кон нејзиниот татко, Боби Браун. Интервјуто ќе се одржи на 11 март.