Вест на денот

Нам ни гори, а партиите се фатија за старото сценарио – дефокусирај

Ако тепачките имаат цел Македонија да остане заложник на вештачки испровоцираните меѓунационални инциденти во пресрет на неформалниот пристапен дијалог со Европската Унија, кој се очекува да почне на 15 март во Скопје, тогаш и тоа треба гласно да се каже.

Старата и сто пати досега потврдена тактика на дефокусирање на вниманието на јавноста од главното жариште со помалку значајни теми, која е карактеристична за политичкото живеење во земјава, доминира денеска на агендата на најголемите политички партии.
СДСМ, под мотото „пет до 12“, практично почна битка на локално ниво, бранувајќи го владеењето на градоначалниците на ВМРО – ДПМНЕ во Велес, Штип, Кочани, Кавадарци, Делчево, Прилеп, Битола, Ресен, Радовиш… Со напомена дека истекуваат три години на безидејно, мизерно владеење на градоначалниците од власта, кои на граѓаните им донеле само сиромаштија и безизлез, социјалдемократите буквално ги бомбардираа медиумите со информации што се не сработиле, што украле, што утнале и што згрешиле вмровските градоначалници. Тоа, секако, според опозициската политичка кујна треба лесно да го голтнат гласачите веројатно уште денеска, кога се најмногу уплашени и вознемирени од тепачките и инцидентите во автобусите, на улиците, пред училиштата.
ВМРО – ДПМНЕ, пак, „пет минути по 12“ веројатно сакајќи симболично да пренесе порака дека е премногу доцна за каков било поен на лузерската политика на СДСМ, која со напади и „паушални критики“ на, како што велат,  нивното вредно работење сака да допре до граѓаните, ги извади од локалниот трезор сите изградени спортски сали, улици, мостови, патишта, паркови, канализации…
Додека двете најголеми политички партии во земјава буквално цел ден се занимаваа со својата политичка битка за наредните локални избори, граѓаните денеска на ум имаа неколку прашања што чекаат итен одговор:
Ги фатија ли маскираните што со безбол-палки тепаа недолжни граѓани?!
- Безбедно ли е во автобусите на ЈСП?
- Кои се тепачите со метални шипки и ножеви во Ѓорче Петров?
- Зошто тепаат ученици и недолжни граѓани?
- Сака ли некој да нè втурне во кошмар?
- Кому му треба дестабилизација и за каква цел?
- Се одмаздува ли некој за убиството во Гостивар?
- Кој демолира автомобили во Ченто?
- Кој и зошто го натепа момчето на Илинденска во Тетово?
- Кои се напаѓачите на граѓаните од Берово во Тетово?
Граѓаните денеска сакаа да слушнат одговори на овие прашања и навистина сега не е важно што мисли СДСМ за градоначалникот Коце Трајановски, или каков криминал направил охридскиот градоначалник Александар Петрески, колку пари потрошиле или испрале градоначалниците на СДСМ, а колку тие на ВМРО – ДПМНЕ.
Денеска сакаме да знаеме – кој ги диригира тепачките и протестите?
Ако се повредени 40 млади луѓе за два месеци, тогаш мора да ни кажат зошто досега не се откриени мотивите за настаните што се дел од организирано сценарио.
Жариштето на насилствата беше запалено во Струга, продолжи во Гостивар, на нишан е Скопје– зошто?
Странски служби сакале да внесат немир, хаос, дестабилизација? Ова е една од тезите што ги кажуваат аналитичарите, но има ли факти и докази во прилог на тезата. Ако има – кои странски служби не ѝ мислат добро на Македонија?
На ниту едно од овие прашања, откако се случи вандализмот во Струга и Струшко досега не добивме одговор, иако и тогаш беше јасно дека протестите се политички инструирани.
Ако тепачките имаат цел Македонија да остане заложник на вештачки испровоцираните меѓунационални инциденти во пресрет на неформалниот пристапен дијалог со Европската Унија, кој се очекува да почне на 15 март во Скопје, тогаш и тоа треба гласно да се каже.
Сака ли некој меѓунационалните односи да ги постави на прво место на агендата со ЕУ. Познато е дека се очекува да бидат отворени поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на внатрешните работи, судството, медиумите и изборите. Во дијалогот што ќе се одвива во тимови предводени од премиерот Никола Груевски и Штефан Фуле, еврокомесарот за проширување, очигледно е дека некоја сака да стави уште една точка – усвитени меѓунационални односи.