Четврток, 16 Февруари 2012
К9 дознава дека професор од средното училиште „Кочо Рацин“ денес физички нападнал ученик од четврта година.

Како што дознаваме околу 15 часот за време на одморот поголем број на ученици кои биле излезени во училишниот двор почнале да играат со снегот.
Во еден момент, професорот по физичко образование, се нафрлил кон еден ученик од втора година. Неговиот братучед кој е четврта година средно во истото училиште пришол со намера да го одбрани помалиот роднина.
Во тој момент професорот го удрил ученикот и почнал да го дави, велејќи му да не го види повеќе во училиштето.
Според информациите до кои дојде К9, од рацете на професорот, ученикот го спасиле неколку другари, по што професорот заминал.
Директорот на училиштето Величе Цветановски со кого К9 стапи во контакт потврдува дека во училиштето за време на одморот имало снежна игра меѓу учениците, но негира дека дошло до било каков инцидент.
-Не се случи ништо за што би требало да се придава значење. Јас разговарав со учениците, но и со обезбедувањето во училиштето. Учениците играле со снежни топки, а професорот излегол да ги опомени, обидувајќи се да го наметне својот авторитет како професор, изјавува Цветановски за 9.
Наспроти ова, според нашите сознанија, кај ученикот од страна на лекари биле констатирани видливи повреди во пределот на лицето и вратот.
ДОПОЛНЕТО:
Од МВР информираат дека случајот е пријавен во полиција, а полициската станица Ѓорче Петров превзема мерки за негово целосно расчистување.