Мелита: Јака сум. Ништо не може да ме стресе!
27ЈАН 201211:48
„Да дадеше Груевски оставка, немаше сè живо толку да се растресе и да коментира. Тоа само по себе кажува многу. Популарноста е дел од мојот живот, не сум обична, непредвидлива сум, а според реакцијата на многумина, сево ова ми докажа колку и како вредам“, вели Мелита Ракичевиќ во ексклузивниот разговор за К9

Во прв момент бев изненадена, искрено баш ми беше чудно што цела Македонија зуеше, коментираше за мојот отказ во „АБ“. Потоа сфатив дека сум личност што е дефинитивно во центарот на вниманието и кога не сака. Гордо се носам со сите свои одлуки и добро ги промислувам. Единствено, ме изнервира што се цитираа мои изјави што јас не сум ги дала, ниту пак ме прашале тие што ги пренесуваа. Веројатно на многумина сум им потребна за некакви цели што јас никогаш нема да ги разберам. Кога ми помина првиот шок од „помпата“, се насмеав и си реков: еј, па ова беше вистински бум. Да дадеше премиерот Груевски оставка, немаше сè живо толку да се растресе и да коментира. Сè на сè, тоа само по себе кажува многу. Популарноста е дел од мојот живот, не сум обична, непредвидлива сум, а според реакцијата на многумина, сево ова ми докажа колку и како вредам, кога луѓе од различни возрасти и со различни ментални склопови се занимаваат со мене. Им благодарам.
Зад добриот коњ се крева прашина, вели една поговорка. Но лошо е кога коњот ќе продолжи напред да галопира, а прашината останува да се емитува. Не ли е тоа како фрлање на прашина во очите на оние што гледаат?
Човек сум што вложувал и секогаш ќе вложува во себе и во своето дело. Креативец сум, професионалец и голем работник. Своите вредности сум ги потврдила преку призмата на многубројната публика што со радост ги гледала моите емисии. Материјално сум стабилна и лично сум исполнета. Затоа, сите оние што креваат вештачка прашина околу мене ми се неважни и смешни. Ми пречи тоа што некои ме прават скандалозна, без причина, и што едвај чекаат да ми најдат маана. Но јас знам колку труд сум вложила во создавањето млади водители и емисии со личен печат што потоа ми ги „крадат“. Те мразат оние што се лично неуспешни и животно несредени. А дека има луѓе што ме поддржуваат и сакаат секој ден се уверувам. Голем е бројот на оние што ми пишуваат, еве прост пример е и што на својата фан-страница на Фејсбук имам 30.000 фанови.
Кога никој не веруваше дека една емисија со домашни миленици може да
биде гледана, ти го покажа спротивното. Кога никој не веруваше дека по вестите може да следуваат забавни вести, често и повеќе гледани од самите вести, типовторно го докажа спротивното со „Ексклузив”. Кога никој не веруваше дека една телевизија може да доживее брза гледаност, ти повторно докажа дека може. Како гледаш на твоите проекти наследени „на готово“ и преземени од други телевизиски куќи?

Екстремна сум и кога си задавам сама задачи, предизвици. Секогаш работам според личниот концепт и единствено барам слобода да ги изреализирам своите идеи. Токму затоа многу мои смели проекти успеале и кога сите се сомневале во нив. Друга е приказната што тоа не се цени доволно, што бесрамно се крадат моите проекти или се прекопираат, но драго ми е што постојат и луѓе што точно ја препознаваат мојата работна автентичност. Оние што во изминатите 18 години ме оспоруваа, до ден денес ме гледаат, што ви кажува тоа?

Секој би прашал: зошто си замина од АБ телевизија. Јас пак би те прашала: мислиш ли дека секој е заменлив?
Почувствував дека не можеш да се избориш против некои околности кои без разлика на вложениот труд и ангажман, не носат напредок. Немање перспектива беше мојата процена, а искрено и се преморив. Ако јас вложувам максимално, го очекувам тоа и од другата страна. Но сфатив дека тоа никогаш нема да се случи. Телевизијата е на продажба. Тоа ме разочара и логично беше да си одам, да продолжам понатаму… За професионалците, верувам, секогаш има иднина. А, за заменливоста, можеби… Што се однесува на мојата работа во АБ имам само најубави спомени. Таа ми е една од оние ТВ-куќи што искрено ги сакав и ги чувствував како свои.
Веднаш следуваа нови понуди… Има ли понуда што не може да се одбие?
Се изненадив уште додека бев на скијање колку јавувања добив! Колку понуди за работа, и не само за работа во медиумите, туку и сосема други предлози. Тоа ми даде сила, ме расположи, тоа е доказ дека го направив вистинскиот потег. Јас ги сакам промените. Прво, убаво ќе се одморам, потоа ќе одлучам што понатаму. Иако веќе некои планови се во тек и ќе се реализираат многу брзо.

Да. Ако порано ми беше незамисливо без новинарство, водителство, сега е сосема спротивно. Воопшто не ми е комплимент да ја работам оваа професија. Затоа, многу е можно таа да ми стане хоби, а не приоритет. Многу брзо ќе ви кажам со што ќе продолжам да се занимавам. Убавините на животот ги креираме сами, одбираме во што ќе уживаме. Јас сум хедонист. Ќе им се препуштам на многу убавини што можам да си ги овозможам. Финансиски сум обезбедена, и тоа потполно ме релаксира за да не морам под притисок да продолжам да работам. Ќе го работам тоа што мислам дека е најдобро за мене.
Алал да ти е што во екот на гласините скијаше во Банско. Не коментираше ништо, речиси тихуваше. Што најмногу те расвести на „немост мудрост“?
Тоа беше спонтана реакција. Извлекав многу поуки во минатото и научив повеќе ништо да не објаснувам, да не се правдам ниту да се докажувам. Му се препуштив на одморот, кој ми беше неопходен. Да бидам искрена, веќе ништо не може да ме стресе. Точно сè ми е испланирано, јака сум и имам љубов и поддршка околу себе. Злите коментари, „проповедувањата“, не ме допираат. Кажувам тогаш кога не се очекува од мене, а не кога ме провоцираат. Мудроста е одлика на сигурноста во себе и на своите потези. Живеам строго по свои правила и не давам право некој да ми суди.
No comments:
Post a Comment