Thursday, December 15, 2011

;)

И културата се сели на интернет

„Онлајн магазинот ’Б-турн‘ нуди свеж и непретенциозен пристап кон балканското лудило“, вели новинарката и диџејка Тијана Тодоровиќ, која утре вечер гостува во Скопје
Тина Иванова
Белградската новинарка и диџеј дама Тијана Тодоровиќ која се потпишува како Тијана Т., утре вечерва гостува во Скопје во ноќниот клуб „Папаја“, по повод промоцијата на меѓународниот културен онлајн магазин „Б-турн“. Во дел од активностите на овој магазин чија адреса гласи bturn.com, се вклучува музичката емисија „Музика и Политика“ која две години се емитува на скопското радио Канал 103.

Македонската промоција на меѓународниот онлајн магазин кој презентира прецизно избрана селекција на современа балканска и источно-европска култура, а која опфаќа музика, филм, уметност и дизајн, како и голем број на социјални прашања, беше повод да направиме интервју со Тијана Тодоровиќ, која веќе десет години е во музичката индустрија, со зад себе завиден интернационален успех, а во „Б-турн“, како што вели, работи се', за во иднина да стане креативен маркетинг директор.
За почеток, можете ли да ни објасните што претставува магазинот „Б-турн“, какви теми третира, кој е неговиот фокус и целната група?
Станува збор за интернационален медиумски проект кој на едно место ја претставува современата поп-култура на Србија и на Балканот, со цел да се профилира регионот како возбудлива и релевантна европска дестинација. Веб-страната на англиски јазик го собира најдоброто од културата и лајфстајлот на новиот Балкан, со акцент на младите уметници од областа на музиката, филмот и дизајнот. Bturn.com нуди свеж и непретенциозен пристап кон „балканското лудило“, мешавина на хедонизмот, нескротливата енергија и страст, низ извесен идеолошки отклон кој ќе се обиде комплексноста на една хетерогена културна средина да ја претстави во форма која во истовреме е и информативна и забавна и влијателна. Нашата цел е да пренесеме информација, но пред се' на странскиот посетител во модерна форма да му доловиме едно специфично „балканско“ искуство. Посетителите на сајтот по прв пат на едно место можат да пребараат балкански музичари, диџеи, режисери, фотографи, графички и модерни дизајнери, заедно со најновите аудио-визуелни презентации. Најважниот сегмент на „Б-турн“ е Магазин секцијата која во авторска форма нуди третман на домашни и регионални феномени, од земјите на поранешна ЈУ, преку Бугарија, Романија, Грција и Турција, се до Украина.

No comments:

Post a Comment