Friday, January 20, 2012

Неговите арии во чест на Тоше

Утревечер во Македонската опера и балет, ќе се одржи четвртиот по ред концерт во чест на нашата музичка икона Тоше Проески.

tosence.jpg-240
Поинаков ќе биде овој од изминатите три, зашто песните на Тоше ќе прозвучат во нови, оперски аранжмани, утрешниот концерт повторно ќе ја сплоти неговата публика.
Концертот е насловен „Неговите арии“ и ќе го води диригентот Саша Николовски-Ѓумар, а ќе настапат  оперски солисти од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и од Бугарија, придружени од хорот „Про арс“, Оркестарот на МОБ и Бендот на Тоше.
Автори на новите аранжмани за оперски оркестар, хор и бенд се Сашо Николовски-Ѓумар, Сашко Николовски  и Дамир Имери. Учествуваат македонските оперски пејачи Ѓорѓи Цуцковски и Весна Ѓиновска-Илкова, српските Сања Керкез и Иван Томашев, Еделина К’нева од Бугарија, Иве Гамулин-Џани од Хрватска и Аленка Готар од Словенија, како и пијанистот Симон Трпчески и гитаристот Влатко Стефановски.
- Ова е нешто поинакво, а повторно прилега на Тоше и не беше туѓо за него. Операта беше негова голема љубов...и овој настан е невообичаен и ја отсликува  големината на Тоше различно од сите досегашни концерти... Тоше имаше многу фанови, дел од нив се љубители на операта, па овој настан е одлична можност за нив, рече на прес-конференција Андреј Николоски, претседател на Фондацијата „Тоше Проески“.
site.jpg-500
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека утрешниот концерт ќе открие уште еден сегмент од уметничката работа на Тоше -  неговата прва љубов - класичната музика.
- На концертот утре ќе ги слушнеме неговите песни со нови аранжмани, обработки од албумот „Божилак“ и неговите интерпретации на познати арии, со кои повторно ќе се потсетиме на моќта на неговиот вокал и на неговата харизма. Верувам дека концертот  ќе биде вистинско уживање за сите обожаватели и почитувачи на музиката на Тоше и дека ќе разбуди многу емоции, рече Канческа-Милевска. Таа нагласи дека Министерството ќе продолжи да го поддржува негувањето на ликот и делото на Тоше и најави промоција на монографија за него во април.  
Од учесниците на утрешниот концерт, на средбата со новинарите присуствуваа оперските певици Готар и Керкез. Аленка Готар, која има учествувано на првиот меморијален концерт, истакна дека е почестена од поканата зашто Тоше и бил личен пријател.
- Голема чест е што можам да бидам тука  од почит, љубов и пиетет кон Тоше. Ќе ја пеам песната  „Једина“ за нашиот единствен Тоше, рече Готар.
Сања Керкез истакна дека во изминатите 15 години често гостувала во МОБ, но првпат за ваков повод.
- Не сум пеела ништо освен опера и ова ќе биде голем предизвик, особено зашто бев голем фан на Тоше, чија музика е нешто специјално и, според мене, никогаш пред него и по него не е забележано на естрадата, рече Керкез. Таа ќе ја пее „Још увек сањам да смо заједно“, а во дует со тенорот Благој Нацоски - „Игри без граници“.
Организацијата на концертот чини околу 35 илјади евра, обезбедени од Фондацијата „Тоше Проески“ и од Министерството за култура. Во продажба се пуштени 600 влезници, колку што е капацитетот на МОБ. Влезницитечинат по 1.200 денари, а дел од приходот е наменет за опремување на Клиниката за детски болести.

No comments:

Post a Comment